Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе Обвинителен акт против пет лица во предметот „Грчец“. За останатите осомничени во предметот, постапката ќе продолжи кога ќе бидат обезбедени, додаваат од Обвинителството.
Според описот на Обвинителниот акт тројца од обвинетите како припадници на организираната меѓународна криминална група извршиле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од чл.215 ст.3 од Кривичен законик.
„Тие како припадници на организирана меѓународна криминална група, заедно со други лица од кои дел се осомничени во предметот и се недостапни на органите на прогонот, дел се починати, а дел веќе осудени, заеднички делувале, секој во својата улога на неовластена набавка, пренесување, држење, продажба и посредување во купопродажба. Во повеќе наврати во текот на 2020 година овие тројца обвинети биле инволвирани во неовластено купување на 15,005 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава“, пишува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Видете и ова: Кривичниот суд определи притвор за петмина од уапсените во ГрчецМеѓународната криминална група чии припадници се обвинетите, делувала во временскиот период од јуни 2019 до март 2021 година при што во повеќе наврати спровела неовластено купување на наркотична дрога-кокаин од земјите од Јужна Америка, организирајќи го и нејзиното пренесување преку воден пат до европските земји. Неовластеното пренесување на наркотичната дрога-кокаин наменета за неовластена продажба во Р.С. Македонија од Белгија и од Албанија преку Косово го договарал и организирал еден од осомничените во предметот - недостапен на органите на прогонот кој е организатор на групата во РСМакедонија.
На останатите двајца обвинети им се става на товар дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од Кривичниот законик.
Предметниот обвинител доставил и посебен предлог на обвинетите да им се продолжи мерката притвор заради постоење на можност обвинетите да се дадат во бегство или да го повторат делото.
Видете и ова: Потпишани барањата за екстрадиција на Шеваљ Муареми и Мухамед ЧајаниОд Обвинителство потсетуваат дека наредбата за спроведување на истражна постапка била донесена во јануари против 15 лица. За четири лица кои се недостапни на органите на прогонот, обвинителството преку Министерството за правда ги има преземено сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја. Така, за две лица се доставени документи за екстрадиција до Обединетите арапски емирати, за едно лице до Хрватска и за едно лице до шпанските власти.
„Постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени“, велат од Обвинителство.
Во полициската акција која се одвиваше на 25 јануари беа извршени претреси на 20 локации во Грчец и други места, а запленети биле голема количина пари, луксузни автомобили и други предмети. Од МВР тогаш соопштија дека била разбиена меѓународна организирана криминална група чии членови биле инволвирани во организираше набавка на кокаин од земји од Јужна Америка, а осомничени се и за убиства извршени на територијата на Северна Македонија.