Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија (ПН), која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), денеска беше реизбрана за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години.
На конститутивното заседание на новиот состав на Европскиот парламент, што се одржува во Стразбур, за Мецола гласаа 562 европратеници, а нејзината противкандидатка за функцијата Ирене Монтеро од шпанската партија Можеме (Подемос), дел од групата на Левицата, доби 61 глас. Вкупно 77 гласачки ливчиња беа прогласени за неважечки.
За да биде избрана, на една од двете кандидатки за претседателка на ЕП и беше потребно да освои апсолутно мнозинство од дадените валидни гласови или во овој случај 312 гласа.
Процесот на избор на претседател на ЕП, што се спроведе со тајно гласање, и пребројување на гласачките ливчиња, го контролираа осум европратеници избрани со ждрепка.
Видете и ова: Конститутивна седница на новиот состав на Европскиот парламентПред гласањето Мецола и Монтеро им се обратија на европратениците презентирајќи ги своите заложби и визии за работата на Европскиот парламент и иднината на ЕУ.
Овој десетти состав на Европскиот парламент има 720 места или 15 повеќе отколку претходниот парламентарен состав. Вкупно 54 отсто од европратениците се новоизбрани, а 39 проценти од членовите на Европарламентот се жени.
Европратениците се организирани во осум пратенички групи и тоа Европската народна партија (ЕПП) со 188 пратеници, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 136, Патриоти за Европа (ПФЕ) со 84, Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) со 78, Да ја обновиме Европа со 77, Зелени - Европска слободна алијанса (Зелени/ЕФА) со 53, Левицата во Европскиот парламент (Левица) со 46 и Европа на суверени нации со 25 пратеници. Вкупно 33 европратеници не се дел на ниту една пратеничка група.