Републиканската партија официјално го номинираше Доналд Трамп за свој кандидат за претседател на САД на ноемвриските избори. За потпретседател е избран сенаторот од Охајо, Џеј-Ди Венс.
Доналд Трамп стана официјален републикански претседателски кандидат откако ги доби гласовите од доволен број делегати на Националната конвенција на Републиканците во Милвоки, Висконсин. Делегатите од уште 29 држави сè уште го даваат својот глас, но поранешниот претседател го помина прагот за победа. Трамп го достигна потребниот праг за номинација со гласовите од неговата родна држава Флорида.
Поранешниот американски претседател претходно на својата социјална мрежа „Truth Social“ објави дека негов потпретседател ќе биде сенаторот од Охајо, Џеј-Ди Венс.
„По долго размислување и разгледување, и имајќи ги предвид огромните таленти на многу други, решив дека личноста која е најпогодна да ја преземе позицијата на потпретседател на Соединетите Американски Држави е сенаторот Џ.Д. Венс од Големата држава Охајо“, соопшти Трамп во објава на неговата социјална мрежа, додека во Милвоки започна републиканската национална конвенција.
Џејмс Дејвид Венс беше жесток критичар на Доналд Трамп во 2016 година. Но, подоцна стана еден од најжестоките бранители на Трамп, и додека некои демократи велат дека тоа е опортунизам, многу од неговите советници сметаат дека неговата трансформација е вистинска.
Политичките убедувања на Венс, како што пишува Скај њуз, „се мешавина од изолационизам и економски популизам, во спротивност со старата гарда на Републиканската партија, каде што надмоќ имаат јастребите во надворешната политика и евангелистите на слободниот пазар“.
Видете и ова: Далек: Нападот врз Трамп е дел од пошироката култура на насилство во САДТриесет и деветгодишниот сенатор од Охајо гласно се противи на американската помош за Украина во војната со Русија - на задоволство на сојузниците на Трамп. Венс, исто така, го минимизираше нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година изведен од страна на поддржувачите на Трамп.
Како сенатор од Охајо со скромно потекло, неговиот избор може да помогне во зајакнувањето на трката на кампањата на Трамп во државите каде ќе се води изборната битка, како што се блиските Пенсилванија и Мичиген.
Откако служел во Маринскиот корпус, посетувајќи го Правниот факултет Јеил и работејќи како бизнисмен во Сан Франциско, Венс стана познат на јавноста по неговата книга од 2016 година „Hillbilly Elegy“. Во тие мемоари, тој ги истражува социо-економските проблеми со кои се соочува неговиот роден град и се обиде да ја објасни популарноста на Трамп меѓу сиромашните бели Американци.