Во Центарот за управување со кризи денеска на 15 јули се одржа седница на Управувачкиот комитет за координација на системот за управување со кризи, со која претседаваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. На седницата присуствуваа и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности Стојанче Ангелов, соопшти МВР.
„На седницата беше утврдена потребата да се активираат меѓународните механизми за обезбедување на помош во воздухоплови, кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарите кои деновиве ја зафатија државата. Денеска претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен. Во текот на утрешниот ден ќе пристигнат два хеликоптери од Словенија и по еден хеликоптер од Србија и од Црна Гора“, изјави министерот Тошковски.
Министрите изразија благодарност до пријателските земји кои ни помагаат во справувањето со огнената стихија, се вели во соопштението од МВР.
Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека телефонски е пристигнато барање за помош од Северна Македонија поради големиот број пожари.
„Сè уште не сме го добиле официјално, но разговаравме на телефон. Побараа од Северна Македонија да им помогнеме да го изгаснат пожарот. Слични барања има и од Република Српска. Мислам дека имаме доволно капацитет за помош во двете држави истовремено, во хуманата акција за гасење пожари“, рече Дачиќ.
Дачиќ нагласи дека Србија ќе испрати хеликоптери за гаснење на пожарот и додаде дека не сака тоа да биде оценето како испраќање хеликоптери заради остварување на воена доминација.
Видете и ова: Во пожарот кај неготинско изгоре површина двојно поголема од градотПожарите беснеат и опустошуваат површини колку цели градови во Северна Македонија. Прогласена е 30 дена кризна состојба. Но, има криза и во делот на опремата за справување со пожарите, гаснат и возила стари 45 години. Нема и луѓе, па општините си помагаат, а почна да пристига помош и од други држави.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на ЈП „Национални шуми“, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.
Целосната забрана за движење во шумите од 06:00 до 20:00 часот почна денеска (15 јули), а ќе трае до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален.