Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во понеделникот дека има намера да ги подготви сите елементи од мировниот договор до ноември за Киев потоа да може да одржи втор меѓународен мировен состанок.
Првиот состанок се одржа минатиот месец во Швајцарија, а на него учествуваа претставници на 92 земји, но не и Руси, потсетува Ројтерс.
Киев најави дека може да покани и претставници на Русија на следната конференција.
„Ја поставив целта дека ќе имаме целосно подготвен план во ноември“, изјави украинскиот лидер за новинарите.
Зеленски го изјави ова по враќањето во Киев од Вашингтон, каде што присуствуваше на состанокот на НАТО, повеќе од 28 месеци по руската инвазија.
Видете и ова: НАТО решителен за приемот на Украина, критики за Кина за поддршката на РусијаРускиот заменик министер за надворешни работи минатата недела изјави дека Москва нема да учествува на вториот состанок, иако Кремљ не е категоричен и изјави дека се уште нема јасни индикации за идејата за негово одржување.
Украина најави дека на вториот состанок ќе се разговара за планот, кој ќе го разработат десетици земји поделени во работни групи.
Зеленски рече и дека Украина летово ќе добие дел од борбените авиони Ф-16, а останатите до крајот на годинава, но не може точно да прецизира колку ќе ги има.
„Нема да има доволно. Тие сигурно ќе не засилат, но дали ќе ги има доволно за да се бориме на исто ниво како и руските воздухопловни сили? Мислам дека не. Чекаме поголем број, “, рече украинскиот претседател.