Израел го нападна јужниот и централниот дел на Појасот Газа во понеделникот за да изврши притисок врз Хамас, по нападот викендов насочен против раководството на милитантната група во која загинаа десетици Палестинци во таканаречената безбедна зона.
Два дена откако израелскиот напад ја претвори преполната област Маваси во близина на брегот на Медитеранот во пустелија преполна со тела и запалени автомобили, раселените Палестинци рекоа дека немаат идеја каде да одат понатаму.
„Оние моменти кога земјата се тресеше под моите нозе, а прашината и песокот се издигнаа на небото и кога видов распарчени тела - се нешто што досега не сум го видел“, рече Аја Мохамад, продавач на пазарот во Маваси.
Понатаму на југ во Рафа, во фокусот на израелската офанзива од мај, жителите пријавија нови борби. Тие соопштија дека израелските сили разнеле неколку куќи во западните и централните делови на градот.
Здравствените власти објавија дека пронашле десет тела на Палестинци убиени од израелски оган во источните области на градот, а некои од телата веќе почнале да се распаѓаат.
Видете и ова: Најмалку 17 Палестинци загинаа при израелските напади врз ГазаАрмијата, исто така, ги засили воздушните и тенковските напади во централното подрачје на Појасот Газа, врз камповите Ал-Буреј и Ал-Магази.
Здравствените власти информираат дека пет Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад врз куќа во кампот Ал-Магази.
Израелската војска соопшти дека нејзините воздушни сили нападнале десетици палестински воени цели низ Појасот Газа, при што убиле многу од вооружените лица. Таа исто така изјави дека силите убиле вооружени мажи во Рафа и централното подрачје на Појасот Газа.
Масакрот во Маваси во саботата, еден од најсмртоносните израелски напади во војната, ги засени разговорите кои двете страни претходно ги опишаа како најблиску до постигнување траен прекин на огнот.
Висок функционер на Хамас во неделата изјави дека групата не ги напуштила преговорите и покрај нападот врз Маваси.
Војната во Газа започна откако Хамас, наведен како терористичка организација од САД и Европската унија, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници.
По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива на Газа.
Според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, во борбите загинале најмалку 38.664 луѓе.