Половина од 500 милиони евра кои земјава ги договори со Унгарија, ќе бидат за општините, а половина за бизнисот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Како што објасни, општините ќе ги користат парите за конкретни проекти кои би им го подобриле животот на граѓаните, а фирмите ќе добијат помош поради актуелните лоши пазарни услови, но за сметка на тоа ќе треба да „вратат“ со инвестиции, најмалку 5 000 нововработени и раст на производството од пет отсто над стапката на инфлација.
Според него, избрзани се реакциите на некои од политичарите дека ветил една милијарда евра, а донел 500 милиони. Средствата, вели тој, се обезбедуваат согласно потребите. Соработката со Унгарија не е ограничена, рамката е отворена, а во моментов се потребни 500 милиони и затоа, потенцира Мицкоски, обезбедиле само толку.
Видете и ова: Мицкоски со Орбан договорил унгарски кредит од 500 милиони евра„Од ова ништо што ни го оставија, да направиме нешто, е тоа го правиме ние сега, се мачиме да обезбедиме повеќе. Веднаш избрзаа со критика, „вети милијарда, донесе 500“. Сега се 500. Имаме обврзница што ја земаа под ултра лоши услови, но таа доспева на 25 јануари. Зошто сега да земеме 500 милиони па граѓаните да плаќаат камата, кога можеме во јануари. Отворена ни е рамката. Мора да имате концепт, со пари сите знаат, но идејата е од ништо нешто да направите. Поентата е од ова ништо што ни го оставија, да направиме нешто, е тоа го правиме ние сега, се мачиме да обезбедиме повеќе“, истакна премиерот, кој денеска беше во теренска посета на Охрид.
Мицкоски повтори дека договорените 500 милиони евра со Унгарија се, всушност, специјална економска соработка на ниво на влади.
Неодамна од Владата објавија дека Северна Македонија ќе се задолжи кај Унгарија со 500 милиони евра кредит, со камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.