Естонската премиерка Каја Калас поднесе оставка од функцијата

Премиерката на Естонија, Каја Калас

Премиерката на Естонија Каја Калас денеска (15 јули) поднесе оставка од функцијата.

Оставката ја поднесе до претседателот Алар Карис,откако беше номинирана за висок претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, пишува естонскиот портал EРР. Се наведува дека кон крајот на летото Калас ќе поднесе оставка и од функцијата претседател на Реформската партија.

Калас е премиерка на Естонија од 2021 година и предводеше три последователни влади.

Видете и ова: Запознајте го новото лидерство во ЕУ и НАТО: моќниот, јастребот и неавантуристот

Како што е наведено, во тек се преговори меѓу Реформската партија, СДЕ, Еести 200 за продолжување на актуелната владејачка коалиција, а овие преговори во име на реформистите ги води Кристен Михал, кој е предложен за претседател на Реформската партија.

Според процедурата, претседателот Карис ќе разговара со партиите, а потоа ќе го додели мандатот.

Новата влада треба да биде избрана на почетокот на август.