Ангелов: Пожарот на Серта не е ставен под контрола поради непристапен терен

Илустрација

Ветерот кој што честопати денеска го смени правецот како и високите температури го отежнуваат гаснењето на пожарот на планината Серта, изјави денеска (14 јули) директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов. Тој истакна дека непристапниот густ предел е дополнителен проблем во гаснењето на пожарот кој веќе неколку дена беснее на планината.

„Од рано наутро гасневме со еден полициски хеликоптер и со два армиски хеликоптери, а нешто подоцна и со два ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, но и покрај тоа за жал, огнот повторно гори. Војската е активна на терен со 103 војници кои учествуваат во гаснењето на пожарот како и 30 припадници на МВР, кои даваат голем допринос на локалните пожарникари и локалното население,“ изјави Ангелов од терен.

Тој додаде дека контролата врз пожарот не очекува да биде воспоставена денеска, гаснењето ќе продолжи додека има видливост на текот на денот, а утре повторно ќе се продолжи со гаснење со воздухопловна поддршка.

Видете и ова: Пожарот на планината Серта се разграни на три, еден од нив се движи кон Криволак

Претходно Ангелов изјави дека на падините на планината Серта утрово има три активни пожари кои започнаа од еден ист пожар, но сега се одвоени. Првиот е во општината Неготино во атарот на с.Калањево, додека вториот е во Општина Конче, во близина на селата Горни и Долни Липовиќ. Третиот пожар е во општината Штип меѓу селата Драгоево и Селце.

Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година

Во моментов се активни 7 пожари на отворено, соопшти на 14 јули Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во текот на вчерашното деноноќие беа активни 21 пожар од кои 14 се изгасени. Од ЦУК информираат дека врз седумте активни пожари од рано изутрина се дејствува и со воздухопловна поддршка.

Во јули 2024 до сега, заклучно со 12.07.2024 година, имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.

Само од почетокот на годинава до средина на јуни се запалиле над 1175 пожари на отворено во земјава. Во нив спаѓаат и оние на дивите депонии и ѓубришта, потоа ниви, ливади, стрништа и дел шуми.