Кинеските и руските поморски сили на 14 јули започнаа заедничка вежба на воено пристаниште во јужна Кина, објави официјалната кинеска новинска агенција Ксинхуа.
Вежбите доаѓаат неколку дена откако сојузниците на НАТО го нарекоа Пекинг „одлучувачки двигател“ на војната во Украина.
Кинеското Министерство за одбрана во краткото соопштение наведува дека силите на двете страни неодамна патролирале во западниот и северниот дел на Тихиот Океан и дека операцијата нема никаква врска со меѓународни и регионални настани и дека вежбите немаат за цел да нападнат ниту една земја.
Вежбите, кои започнаа во провинцијата Гуангдонг и се очекува да траат до средината на јули, имаа за цел да ги покажат способностите на морнарицата во справувањето со безбедносните закани и одржувањето на глобалниот и регионалниот мир и стабилност, објави државната телевизија CCTV на 13 јули.
Како што јави оваа телевизија, тие вклучуваат противракетни вежби, удари од море и противвоздушна одбрана.
Новинската агенција Ксинхуа објави дека кинеските и руските поморски сили спроведоа симулација на воена мапа и вежби за тактичка координација. Заедничките вежби следеа по најновите тензии на Кина со сојузниците во НАТО минатата недела.
Конечната изјава, одобрена од 32-те членки на НАТО на самитот во Вашингтон, јасно стави до знаење дека Кина станува фокус на воената алијанса, нарекувајќи го Пекинг „одлучувачки двигател“ на руската војна против Украина.
Како одговор, Кина го обвини НАТО дека бара безбедност на сметка на другите и ѝ порача на Алијансата да не го создава истиот „хаос“ во Азија.