Новоизбраниот ирански претседател Масуд Пезешкијан рече дека неговата влада ќе создаде „рамнотежа во односите со сите земји“ во согласност со националните интереси и им порача на САД дека неговата земја „нема да одговори на притисокот“.
Во написот во државниот весник Техеран Тајмс, Пезешкијан повика на „конструктивни односи“ со западните земји за да му помогнат на Иран да „излезе од изолацијата“ и се залагаше за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и глобалните сили.
Тој во текстот „Мојата порака до новиот свет“ ги пофали претседателските избори кои „покажаа исклучителна стабилност“ и порача дека ќе ги исполни ветувањата што ги дал во предизборната кампања.
Пезешкијан, 69-годишен кардиохирург и долгогодишен пратеник, го победи конзервативниот кандидат, поранешниот нуклеарен преговарач Саид Џалили, во вториот круг од изборите.
Видете и ова: Група ирански затворенички во страв по смртната казна за активисткаИзборите беа распишани откако претходниот претседател, Ебрахим Раиси, загина во хеликоптерска несреќа во мај.
Во пораката, новоизбраниот претседател изјави дека неговата администрација „ќе му даде приоритет на зајакнувањето на односите со соседите“ и ги повика арапските земји да ги искористат „сите дипломатски лостови“ за да обезбедат траен прекин на огнот во војната во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, кој САД и ЕУ го сметаа за терористичка организација.
Иран долго време го поддржува Хамас, а Пезешкијан ја изрази својата целосна поддршка за „палестинскиот отпор“ во порака до шефот на групата, Исмаил Ханије, во средата.
Пезешкијан во текстот ги поздравува односите на Иран со Русија и Кина, кои „постојано ни стоеја на страна во тешки времиња“. Тој рече дека Москва е „ценет стратешки сојузник“ и дека неговата влада ќе ја прошири билатералната соработка. Тој, исто така, ја изрази својата подготвеност да ги „поддржи иницијативите насочени кон“ постигнување мир меѓу Русија и Украина во тековната војна што влезе во третата година.