Најмалку 71 лице загина во израелски воздушен напад врз камп за раселените Палестинци во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти Министерството за здравство на територијата контролирана од Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација. Во меѓувреме Израел вели дека целта на нападот бил шефот на военото крило на таа организација.
Израелски официјален претставник изјави дека цел на нападот бил Мохамед Деиф, еден од организаторите на нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел што ја предизвика војната во Појасот Газа.
Уште 289 лица се повредени во нападот во областа Кан Јунис, соопшти Министерството под контрола на Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација. Се додава дека многу повредени и мртви се пренесени во блиската болница Насер.
Видете и ова: При израелски напад врз воен началник на Хамас, загинаа најмалку 20 ПалестинциНападот се случил во кампот Муваси, кој се наоѓа во хуманитарната зона одредена од Израел, која се протега од северниот дел на Рафах до Кан Јунис.
Радиото на израелската армија во саботата соопшти дека цел на нападот на кампот бил шефот на военото крило на Хамас, Деиф, додавајќи дека не се знае дали е убиен.
Военото радио соопшти дека Деиф се крие во зграда во хуманитарната зона Маваси.
Израелски функционер изјави дека цел на нападот, покрај Деиф, бил и Рафа Салама, уште еден висок функционер на Хамас. Тој не кажа дали во нападот загинале двајца високи функционери на Хамас.
Деиф преживеа седум израелски обиди да го убијат, последниот во 2021 година, и со децении е на врвот на листата на најбарани во Израел.
Во нападот на Хамас на 7 октомври, според израелските податоци, загинале 1.200 луѓе, а биле земени повеќе од 250 заложници. Според здравствените власти во Газа, повеќе од 38.000 луѓе биле убиени во следните израелски офанзиви.