Двајцата пилоти на Дирекцијата за заштита и спасување ги поминале процедурите потребни пред секое полетување и авионите ер трактори се упатени кон гаснење на пожарот во Неготинско, информира директорот на ДЗС Беким Максути.
Според правилата пропишани од Европската асоцијација за цивилно воздухопловство (ЕАСА), пилотите пред секој лет прават меѓусебна контрола за нивната психичка и физичка подготвеност.
Максути претходно за државната агенција МИА појасни дека Дирекцијата не смее да лета со еден пилот, односно потребни се уште двајца пилоти, бидејќи, како што рече, едниот му е контролор, додека другиот ги проверува сите постапки дали се како што треба.
ДЗС утринава, по неколкумесечната неизвесност за функционалноста на авио-одделението, потпиша договор со двајцата пензионирани пилоти на „Ер трактор“ со кој тие ќе бидат ангажирани до крајот на оваа година.
Максути не сакаше да открие за колкава плата двајцата пилоти се вратени. Тој кажа дека за враќање на двајцата обучени пилоти, ДЗС бара од Министерството за финансии плата во висина од 300.000 денари, бидејќи работното место пилот во ДЗС со плата од 72.000 денари е неатрактивно.