Министерот за здравство и дел од коалицијата „Влен“, Арбен Таравари информираше дека нивната коалиција во Владата ќе биде претставена со седум заменици-министри. Тој ги соопшти само имињата на двајцата заменици-министри кои се од Алијанса за Албанците, за кои рече дека веќе поминале на Централното претседателство на партијата.
„За „Влен“ знам дека има седум заменик-министри. На Алијансата за Албанците му припаѓа заменик-министерското место во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за одбрана. На другите партии од нашата коалиција им припаѓаат министерствата за транспорт и врски, за внатрешни работи, за спорт, за образование и наука и за култура и туризам. Заменик-министерка во Министерството за одбрана ќе биде Ељфете Исмаили, а заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Фљакрон Беџети“, изјави Таравари по средбата со деканот на Медицинскиот факултет проф. д-р Светозар Антовиќ.
Претходно, и другите три партии од Коалицијата „Влен“ ги соопштија имињата на предложените кандидати за заменици-министри.
Видете и ова: Владата избрана - Мицкоски најавува фуриозен стартБеса го предлага Седат Сулејмани за заменик-министер во Министерството за култура и туризам. Алтернатива ја презеде функцијата заменик-министер во новото Министерство за спорт, каде ја предложија поранешната пратеничка Сафие Садики Шаини, а за заменик-министер во Министерството за образование и наука беше предложен проф. д-р. Љуљзим Аљиу. Демократското движење на Изет Меџити има двајца заменици министри и тоа во Министерството за внатрешни работи е предложен Муамет Амети и за транспорт и врски - Каљтрина Зеколи.
ЗНАМ - За наша Македонија едногласно ги утврдила кандидатите за двајца заменици министри во Владата. За заменик-министер за енергетика и рударство е предложен Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротехника и информациски технологии, а за заменик-министер за дигитална трансформација е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски, магистер по економски науки.
Како што информираа партиите, новите заменици-министри се очекува да се изгласаат по враќањето на премиерот Христијан Мицкоски од САД, односно од 20 до 23 јули.