Албанската опозиција синоќа (11 јули) одржа масовен антивладин протест, на кој главното барање беше заминување на „нарко-државата предводена од Еди Рама“, формирање техничка влада, по примерот на Северна Македонија, спроведување слободни и фер избори, како и ослободување на демократскиот лидер Сали Бериша.
Учесниците на протестот, најпрво се собраа пред седиштето на Демократската партија, по што главниот дел од истиот го одржаа пред Владата во Тирана, каде се обратија повеќе говорници, меѓу кои и лидерот на Партијата на слободата и поранешен претседател на земјата, Илир Мета а преку видео бим и лидерот на демократите, Сали Бериша, кој речиси седум месеци е во домашен притвор.
„Мораме сите заедно да ставиме крај на овој режим, кој ја уништува Албанија, кој ги трансформираше децата во функционално неписмени, како што покажа тестот на ПИСА, кој младите ги истера од земјата, останатите ги остави на работ на егзистенција, за свои интереси создавајќи нарко-држава. Тој е најголемиот непријател на Косово. Вучиќ никогаш не направил таква штета на Косово како што Еди Рама му направи за сметка на Вучиќ. Бидејќи овде запознав браќа од Ѓаковица, ги повикувам Албанците од Косово да ни се придружат за да го урнеме режимот на Рама“, рече меѓу другото Мета.
Протестот, преполн со тешки обвинувања и навреди на адреса на премиерот Еди Рама, минуваше без инциденти се до појавата на Бериша преку видео бим, кога беа фрлени молотови коктели на влезната владата на владата, целосно оштетувајќи ја истата.
„Се соочуваме со егзистенцијална катастрофа, етничкото чистење на Албанија во изминатите 11 години се случува благодарение на Рама, кој од кога дојде на власт од земјата истера над милион граѓани. Почитувани граѓани, демократи, мисионери на вистината на надежта и иднината на Албанија. Собрани денеска во Тирана, од четирите страни на земјата, дијаспората и каде и да се Албанците, кои знаат дека изминатите 11 години беа полни со болка и жртви на опозицијата и Албанија“, рече Бериша.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Учесниците на протестот, кој според организаторот ги имало над 100 илјади, фрлаа молотови коктели на зградата на градското собрание на Тирана, ги запалија знамињата на јарболот, а дојде и до судир со полицијата, при што повредени се најмалку две лица, еден од нив полициски службеник.
Протестот заврши пред седиштето на партијата со порака дека „ова не е последен протест, зашто ДП не може никој да ја запре“.