Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седница расправаше за тоа дали држaвата е одговорна што македонските граѓани со години дишат загаден воздух. Ова е по иницијатива за утврдување правно мислење, поднесена од Адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“.
Претходно двајца македонски граѓани поднеле тужби до Управен суд за заштита на слободите и правата, каде наведуваат дека дишат енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита.
Судијата известител Џемали Саити, вели дека со тужбите се засегнати повеќе државни органи за непостапување, затоа што во нив се наведува дека државата со непреземање на дејствија ги оштетила правата на граѓаните за здрава животна средина.
„Едниот граѓанин е од Скопје, другиот од Струмица. Тие велат дека имаме енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита. Практично овде се нападнати сите државни органи за непостапување, почнувајќи од Владата, Министерството за екологија до инспекторатите во рамките на екологијата, и велат дека државата со непреземање на дејствија, со непреземање на мерки ги оштетила правата на граѓаните за здрава животна средина, појасни Саити.
Видете и ова: Дишеме опасни материи, загадувањето на воздухот го мерат „двајца без тројца“
Претседателката на Врховен, Беса Адеми, истакна дека кон прашањата за заштита на здравата животна средина треба да се гледа од аспект на Европската конвенција за заштита на човековите права, според кој правата за заштита на животната средина се признаени граѓански права. Таа посочи на неодамнешна пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), донесена во април годинава, која се однесува на заштитата на климата како човеково право, каде неколку граѓанки на Швајцарија се јавиле како индивидуални подносители пред ЕСЧП со иста содржина на барање како двајцата македонски подносители пред Управниот суд.
Предметот на ЕСЧП може да биде водилка за идните расправи, рече судијката Мирјана Лазарова Трајковска, бидејќи, вели го покренува прашањето што во ситуации кога законите се недоречени и дали судовите треба да замолчат.
По предлог на Адеми, беше изгласано да се повика професорот Борче Давитковски, како експерт во областа, да присуствува на наредните општи седници на Врховен. Таа истакна дека Врховниот суд ќе започне процес за деловнички измени за унапредување на начелото на јавност и отвореност на Општите седници за јавноста, особено за прашањата од јавен интерес и нагласи дека прашањето кое беше предмет на денешната расправа е од висок јавен интерес.