Активен е пожарот во неготинско, што изби вчера на планината Серта. Во гаснењето се вклучи и армискиот хеликоптер. Хеликоптерот на МВР кој интервенираше од утринава е повлечен, поради одработени часови. Поради сериозноста на пожарот полицискиот хеликоптер кој учествуваше во гаснењето на пожарот кај Велес вчера беше пренасочен кај Пепелиште.
„Останатите два полициски хеликоптери се на редовен сервис, едниот ќе биде функционален после понеделник додека вториот кон крајот на август. Трите Ер трактори се нефункционални поради недостаток на пилоти, проблем кој се очекува да биде надминат на следната владина седница, информираа од ЦУК.
Поради опасност од ширење на пожарот во неготинско, денеска беше упатен апел, жители од неколку села да ги напуштаат живеалиштата. Вакво соопштение издаде Штабот за заштита и спасување на Општина Неготино.
Видете и ова: Со пензионирани пилоти ќе се спасува сезоната на пожари
Жителите на неготинското село Липа се вознемирени и велат дека не се дише, бидејќи ветерот носи пепел и чад кон куќите.
„Не се дише, имам срцеви проблеми. Се плашиме за животот. Пекол е надвор, ветерот носи пепел и чад. Се надеваме дека навреме ќе се реагира и пожарот нема да го пеплоса овој убав крај, рече 62-годишниот Јован Ѓелов за МИА.
Пожарот избувна вчера околу 10.30 часот на отворено во атарот на Пепелиште, во близинна армискиот камп за обука Пепелиште, што е составен дел на армискиот полигон Криволак.
Формиран е кризен штаб од каде апелираат за помош, а од Центарот за управување со кризи информираат дека најопасниот дел е ставен под контрола.
„Опасниот крак од пожарот што ги загрозуваше селата Пепелиште и Војшанци вчера беше изгаснат, така што повеќе не постои повеќе опасност од пожарот за двете села, истакнаа утринава од ЦУК.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) за сега велат дека нема опасност и загрозување на населби, објекти и инфраструктура.