Десет закони по скратена постапка влегуваат во натамошна собраниска процедура, откако парламентарното мнозинство ги прифати на денешната седница. Како што објаснија пратениците, генерално, се работи за усогласувања со веќе донесените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа и формирањето на ново Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
По скратена постапка, на дневниот ред се предложени: изменување и дополнување на Законот за енергетика, на Законот за Геолошкиот завод, на Законот за енергетска ефикасност, на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, на Законот за метрологијата, на Законот за минерални суровини, на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за основање на Агенција за енергетика на Република Северна Македонија, како и изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви и Законот за техничката инспекција.
Група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ неодамна поднесоа Предлог закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, со којшто како што беше кажано, ќе се спречи зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата.
Видете и ова: Мицкоски најави законски измени за да нема раст на цената на струјатаЗаконите треба да поминат на матичните комисии, па потоа и да бидат донесени од страна на Собранието.
Забелешки за начинот на кој е закажана седницата имаа пратениците на Левица и СДСМ. Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски образложи дека седницата е закажана од претседателот кој е службено отсутен, како и дека законите се носат по скратена постапка за да се усогласат со веќе донесениот закон за државна управа.
Реагираше и координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски бидејќи закон што пратеник од нивните редови го доставил до Собранието не бил ставен на дневен ред.