Во вториот квартал на 2024 година, до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) биле доставени 77 претставки и тоа 61 од физички и 16 од правни лица. Во споредба со истиот период во 2023 година, бројот на поднесени претставки е зголемен за 4,05 отсто.
Најчесто утврдени основи на дискриминација биле сексуална ориентација и попреченост, па потоа етничка припадност, род и политичко уверување.
„Од подносителите физички лица, 25 не доставиле податок за припадноста на пол. Од оние кои доставиле, 21 или 58,33 проценти биле жени и 15 или 41,67 отсто биле мажи. Во однос на националната припадност, 24 граѓани не се изјасниле. Од оние кои се изјасниле, 27 биле Македонци, седум Албанци, еден Влав. До КСЗД се доставени и две претставки од граѓани кои се изјасниле за друга етничка припадност - еден хрватска, а другиот не ја посочил припадноста. Во поглед на возраста, најмногу претставки се поднесени од граѓани на возраст од 41 до 50 години - 16 претставки“, се вели во извештајот.
Видете и ова: Зголемено насилство и говор на омраза врз ЛГБТИ луѓетоВо второто тримесечје на 2024 година, КСЗД донела вкупно 71 одлука по предмети за заштита од дискриминација. Донесени биле 37 мислења, од кои во 16 случаи се утврдило дискриминација, а во 21 не се утврдило дискриминација. Се отфрлиле, односно не се постапувало или била запрена постапката по 34 претставки. Заклучно со 30 јуни 2024 година, бројот на тековни постапки изнесува 88, пишува во извештајот.
„Најчесто утврдени основи на дискриминација во вториот квартал на 2024 година се сексуална ориентација и попреченост, а потоа следат етничка припадност, род и политичко уверување“, пишува во извештајот на КСЗД.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Исто така биле утврдени и пет случаи на дискриминација врз друга основа: два врз основа на членување во синдикат и по еден случај врз основа на друг статус, место на живеење и оневозможување на пристап до работно место.
Најмногу случаи на дискриминација во вториот квартал, биле утврдени во областа на работата и работните односи, а потоа следат областите пристап до добра и услуги и јавно информирање и медиуми.
КСЗД утврдила дискриминација и во областите култура, образование, правосудство и управа, членување и дејствување во синдикални организации.