Трет ден самит на НАТО во Вашингтон

илустрација

Во Вашингтон денеска (11 јули) продолжува средбата на шефовите на држави или влади на членките на НАТО, на која учествува и македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

На третиот ден од самитот, лидерите на Алијансата ќе имаат состанок со нивните колеги од партнерските земји од азиско-пацифичкиот регион - Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја, како и со високи претставници на Европската Унија.

Самитот ќе заврши со заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на шефовите на држави или влади, на кое се очекува реафирмација на поддршката на Алијансата за Киев колку што ќе биде потребно.

Инаку НАТО официјално се обврза да обезбеди воена помош за Украина во висина од 40 милијарди евра следната година, стои во заклучната декларација усвоена од шефовите на државите и владите на земјите-членки на Алијансата на состанокот во Вашингтон.

Видете и ова: Мицкоски од Вашингтон: минимум два проценти од БДП за модернизација на Армијата

Лидерите на НАТО објавија дека патот на Украина кон членство во НАТО е неповратен, но не наведоа конкретни рокови. Поранешната советска република ќе може да се приклучи кон западниот воен сојуз кога ќе ги исполни соодветните услови и ќе биде постигната согласност меѓу земјите-членки.

Зеленски пристигна во Вашингтон со барања за членство и зголемување на помошта, особено во областа на противвоздушната одбрана. а На првиот ден од самитот, сојузниците од НАТО се обврзаа да обезбедат десетици системи за противвоздушна одбрана на Украина, вклучувајќи четири системи „Патриот“.