Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот, истакнал меѓу другото, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на првиот дел од состанокот на НАТО, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на свои информации, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис меѓу другото нагласил дека „напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори“.
Во однос на ставот на американскиот претседател кој ја подвлекол важноста на Западен Балкан за безбедноста на Алијансата, како што пишува АНА-МПА, Мицотакис посебно се осврна на Договорот од Преспа, за кој, рекол дека овозможи проширување на Алијансата со пристапување на Северна Македонија.
„Целосното спроведување на Договорот од Преспа, истакна премиерот, е од суштинско значење за Алијансата, за Западен Балкан и за меѓународната заедница. Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа, продолжи тој, ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања н Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот“, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, во однос на обраќањето на Мицотакис.
Видете и ова: Мицкоски за можна средба со Мицотакис во Вашингтон: Се надевам ќе го задржиме достоинството и ќе разговараме како партнериВо исто време, во медиумите во Грција, актуелна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски поради тоа што го употреби терминот „Македонија“, а неговата влада – македонска влада.
„Како македонска влада сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани“, рече меѓудругото премиерот од Вашингтон.
И покрај очекувањата за средба на македонскиот и грчкиот премиер на маргините на самитот, таа е сè понеизвесна. Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис пред два дена изјави дека не е предвидена, но е можна.