Норвешка ќе ѝ донира шест борбени авиони Ф-16 на Украина за да ѝ помогне на земјата да се одбрани од руските воздушни напади, соопшти норвешката влада на 10 јули.
Веста доаѓа на денот кога лидерите на земјите членки на НАТО учествуваат на Самитот во Вашингтон.
Се очекува да се објави нова помош за Украина во нејзината борба против инвазијата што ја започна Русија во февруари 2022 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува на 10 јули повеќе одлуки за испорака на авиони Ф-16 на Украина.
Видете и ова: Продолжува Самитот на НАТО во ВашингтонНорвешкиот премиер Јонас Гар Сторе изјави дека испораките на Ф-16 ќе започнат оваа година.
„Во комбинација со системите за противвоздушна одбрана, борбените авиони ќе бидат од витално значење за да ѝ се овозможи на Украина да се одбрани од руски воздушни напади“, рече Сторе.
Во август минатата година, Сторе првпат објави дека Норвешка ќе испрати авиони Ф-16 во Киев, но тогаш не кажа колку.
Оттогаш, Осло испрати два F-16 во Данска за обука на украински пилоти.
Украина долго време сака да добие борбени авиони Ф-16, поради нивната разорна моќ.
Во меѓувреме, Данска вети дека ќе донира вкупно 19 борбени авиони на Украина, додека Холандија вети 24. Двете земји беа движечката сила зад меѓународната коалиција за снабдување на Украина со Ф-16.