Српскиот премиер Милош Вучевиќ ги отфрли како „фантазмагорија“ тврдењата на косовскиот премиер Албин Курти дека со поставувањето воени бази на границата со Косово, Србија „чека можност да влезе во Косово“.
Во објава на социјалната мрежа Инстаграм на 10 јули, Вучевиќ наведе дека базите на српската армија се наоѓаат на административната линија веќе „со години“ и дека Србија со поставувањето на тие контролни пунктови не прекршува ниту еден меѓународен договор или Резолуцијата 1244 на ОН .
„Тоа што Курти по којзнае кој пат се обидува да создаде медиумска драма како наводно е загрозено таканареченото Косово, не е ништо повеќе од продавање на магла на неговите западни спонзори“, напиша Вучевиќ.
Тој оцени дека на Косово е загрозен „само српскиот народ“.
Видете и ова: Запалени два камиона на северот на Косово, оштетено е и патничко возилоНа 9 јули Албин Курти побара од меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија за да бидат отстранети воените бази околу Косово.
Во интервју за Си-Ен-Ен, тој рече дека Србија е „многу агресивен сосед“ и дека „чека можност да влезе во Косово“, а тоа треба да го спречат западните партнери.
„Околу границата има 48 оперативни бази кои чекаат можност. Она што го бараме од западните партнери е притисок врз Белград да ги повлече овие бази, од кои секоја има по 50-150 војници“, рече Курти.
Тој го критикуваше НАТО дека не прави доволно за да ѝ помогне на Украина да се одбрани од руската агресија и додаде дека проблемите од таа земја може да се пренесат на Западен Балкан доколку Алијансата се „колеба“.
Србија, која одржува добри односи со Русија, досега одбиваше да воведе санкции кон Москва поради војната во Украина.
Белград, сепак, гласаше во Обединетите нации за неколку резолуции со кои се осудува руската агресија врз Украина.