Соединетите Држави ќе ги користат сите средства што ни стојат на располагање против оние кои работат со компании кои се под американски санкции, изјави портпаролот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ).
РСЕ потврди дека најмалку две црногорски државни компании соработуваат со компании од Босна и Херцеговина, кои беа предмет на американски санкции во јуни поради нивната поврзаност со семејството на претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
„Финансиските институции, лица и други субјекти кои вршат трансакции или активности со санкционирани лица може да бидат изложени на санкции“, рече портпаролот на Стејт департментот во одговор на прашањето на РСЕ за соработката на црногорските државни фирми со санкционирани компании од БиХ.
Во средината на јуни, Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) санкционираше две лица и седум компании од БиХ, кои се поврзани со семејството Додик.
На „црната листа“ меѓу другите се најдоа „Инфинити интернешнл груп“, „Калдера компани“ и „Проинтер ИТСС“.
Тие се дел од мрежата, како што е наведено во соопштението на OFAC, кое обезбедува „значајни извори на приходи“ за Додик и неговото семејство.
„Додик ја искористи својата службена положба за да акумулира лично богатство преку компании поврзани со него и неговиот син Игор Додик“, изјави за РСЕ портпаролот на Стејт департментот.
„Инфинити интернешнл груп“ негираше каква било поврзаност со тоа семејство.
Видете и ова: САД ставија три лица на „црната листа“ поради одбележување на Денот на Република СрпскаСамиот Додик долго време е под санкции на Соединетите Држави, како и неговиот син Игор и ќерката Горица. Кога станува збор за црногорските државни компании, договори со фирми од „црната листа“ имаат „Солар градња“, една од компаниите на Електростопанство на Црна Гора и Црногорскиот електродистрибутивен систем (ЦЕДИС).
Имено, во март, три месеци пред американските санкции, „Солар градња“ потпиша договор за соработка со босанската компанија „Калдера компани“.
Од 2020 година во Црна Гора работи подгоричката компанија „Infinity ITSS and Energy“, чиј косопственик е босанската компанија „Инфинити интернешнл груп“ која е под американски санкции. Таа има добиено три државни договори во вредност од 475 000 евра за последната година и половина, самостојно или како дел од конзорциум со санкционираниот „Prointer ITSS“. Последниот договор, кој компанијата го доби самостојно, беше потпишан во средината на април.