Група ирански затворенички во страв по смртната казна за активистка

Шарифе Мохамади, активистка за правата на работниците

Група ирански затворенички предупреди на можен бран на егзекуции, укажувајќи на неодамнешната „срамна“ смртна казна изречена на активистката за работнички права, Шарифе Мохамади.

Во писмо до јавноста, група од 16 жени, наведува дека пред минатонеделните претседателски избори, властите го забавиле темпото на егзекуции „до максимално можно ниво пред изборното шоу“.

„Сепак, сега ќе го забрза издавањето и извршувањето на смртните казни и ќе ги потиснува семејствата на жртвите повеќе од порано“, се додава во писмото, во кое се бара укинување на казната на Мохамади.

Претходно овој месец, Револуционерниот суд во северниот град Рашт рече дека Мохамади е осудена под обвинение за „вооружен бунт против државата“ и како доказ го вклучи нејзиното членство во независна работничка организација. Таа беше обвинета и дека е членка на забранетата курдска сепаратистичка партија Комала, што нејзиното семејство го негираше.

„Властите сакаат да го потиснат гласот на протестот и барањата на жените кои сега се погласни отколку порано во арената на правдата“, се вели во писмото.

Тетката на Мохамади, Вида Мохамади, за РСЕ изјави дека нејзината внука била мачена во затвор по апсењето на 5 декември и дека поминала неколку месеци во самица. Таа додаде дека Шарифех Мохамади не била поврзана со ниту една политичка организација внатре или надвор од земјата.

Организацијата за заштита на правата Hengaw соопшти дека Мохамади „издржала ментална и физичка тортура од рацете на иранските разузнавачи... кои се обиделе да извлечат принудно признание од неа“.

Видете и ова: Кој е Масуд Пезешкијан, новоизбраниот претседател на Иран?

Центарот Абдорахман Боруманд со седиште во Соединетите Држави, кој се фокусира на иранските прашања, соопшти дека смртната казна е поврзана со „нејзината вмешаност во независен синдикат“.

„Оваа екстремна пресуда го нагласува суровото задушување со несогласувањето во Иран, особено против активистите за правата на работниците во услови на економски превирања“, се вели во извештајот.

Големи протести избувнаа во провинцијата Гилан и низ целата земја во 2022 година по смртта на Махса Амини, млада Курдска Иранка која беше приведена поради наводно непочитување на иранскиот строг кодекс на облекување за жените.

Видете и ова: Како смртта на Макса Амини стана повик за бунт на илјадници Иранци?

Повеќе од 500 демонстранти беа убиени ширум земјата, а илјадници беа уапсени за време на повеќемесечните немири. Домашни и меѓународни активисти за права го обвинија Техеран дека ја користи смртната казна за да ги заплаши демонстрантите по масовните демонстрации.