Израелските сили започнаа офанзива во северниот и централниот дел на Газа во средата, неколку часа по воздушниот напад врз шаторски камп за кој палестинските власти соопштија дека загинале повеќе од 20 луѓе и кога разговорите за прекин на борбите треба да продолжат.
На градот Газа беа фрлени летоци, овој пат со мапа на која се наведени „безбедни рути“ за евакуација на целиот град, а не само на одредени населби. Израелските летоци ги повикуваат цивилите да се упатат кон југ по две рути до централниот појас Газа.
Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, соопшти дека обновената израелска кампања убила повеќе од 60 Палестинци низ енклавата во вторникот и се закани дека ќе ги попречи напорите за обезбедување прекин на огнот во деветмесечната војна со разговорите кои треба да продолжат во Доха.
Воздушниот напад ги погоди шаторите на раселените семејства пред училиште во градот Абасан, источно од Кан Јунис во јужниот дел на Газа. Најмалку 29 лица загинаа, повеќето жени и деца, соопштија палестинските медицински претставници.
Израелската војска соопшти дека ги проверува извештаите дека цивили се повредени. Се наведува дека инцидентот се случил кога борец на Хамас кој учествувал во нападот врз Израел на 7 октомври бил погоден со „прецизна муниција“.
Видете и ова: Израелските тенкови во напад на градот ГазаВо соопштението на израелската војска се вели дека нејзините сили ги продолжуваат операциите во градот Газа против Хамас и нивниот сојузник Исламски џихад.
Во градот Газа, „војниците извршија антитерористичка операција во текот на ноќта против терористите на Хамас и Исламски џихад кои дејствуваа во седиштето на Агенцијата на ОН за бегалци на Палестина (УНРВА) и ја користеа како база за насочување напади врз војници во централниот Појасот Газа“, се вели во соопштението на израелската војска.
Војната во Газа започна откако Хамас, наведен како терористичка организација од САД и Европската Унија, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1200 луѓе, а зеде 250 заложници.
По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа.
Најмалку 87 828 луѓе загинаа во борбите, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.