Во Вашингтон продолжува Самитот на НАТО, со кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата во 1949 година. Главни теми се обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнување на одбранбената индустрија и инвестициите и зацврстување на глобалните партнерства.
Генералниот секретар на НАТО во заминување Јенс Столтенберг синоќа (9 јули) изјави дека очекува на Самитот да бидат донесени важни одлуки за иднината на Алијансата, како и одлуки за натамошно зајакнување на помошта за Украина.
На Самитот учествува и македонска владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Предвидени се голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но останува неизвесно дали на маргините на Самитот, Мицкоски ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој исто така учествува на Самитот.
Премиерот Мицкоски, пред заминувањето за Вашингтон во однос на евентуалната средба со неговиот грчки колега, изрази надеж дека доколку се случи тоа, „ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи“.
Видете и ова: Агелер: Нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУМицотакис, пак, најави дека на Самитот во Вашингтон ќе го покрене прашањето со „прекршувањето на Договорот од Преспа од соседната земја“. Ваквиот став вчера го повтори директорот на Канцеларијата за односи со јавност и медиуми на грчкиот премиер, Панос Амирас во интервју за државната телевизија ЕРТ и посочи дека не е планирана средба на двајцата премиери, јави МИА.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис завчера на редовен брифинг со новинарите, рече дека за време на учеството на НАТО Самитот, Мицотакис „ќе го покрене на највисоко ниво“ прашањето со Договорот од Преспа, дека ќе спомене дека „не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес“, како и дека „соседната земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор“. Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина за евентуална средба на двајцата премиери,Маринакис рече дека не е планирана „но не е исклучено во рамките на активностите и на маргините на Самитот на НАТО, премиерот да има и некои билатерални средби“.