Претседателот на САД, Џо Бајден на отворањето на Самитот на НАТО во Вашингтон изјави дека Алијансата е „помоќна од кога било“, бидејќи се соочува со „клучен момент“ во војната помеѓу Русија и Украина.
Бајден предупреди дека „автократите го урнаа глобалниот поредок“ и најави дополнителна воена помош за Киев, која би вклучувала повеќе батерии на моќните американски системи за противвоздушна одбрана од типот Патриот, како и други системи за зајакнување на украинската ПВО.
„Војната ќе заврши со тоа што Украина ќе остане слободна и независна земја. Русија нема да победи, Украина ќе победи“, посочи Бајден.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според Би-би-си „во услови на зголемени повици за негово повлекување од ноемвриските претседателски избори во САД по неговиот слаб настап во телевизиската дебата со републиканскиот кандидат Доналд Трамп кон крајот на минатиот месец, демократот Бајден го искористи својот говор за да ги спротивстави своите надворешнополитички ставови со оние на неговиот ривал“.
Франс прес наведува дека „Самитот е во сенка на Трамп, иако тој не беше присутен, бидејќи многу од сојузниците се загрижени за иднината на НАТО поради човекот, кој ја нарече Алијансата „застарена“ и се закани дека нема да ги брани тие земји кои не даваат доволно пари за одбрана.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, говорејќи непосредно пред Бајден, рече дека доколку Русија биде победничка во инвазијата на Украина, тоа ќе ги охрабри Иран, Кина и Северна Кореја и ќе го обликува глобалното безбедносно опкружување во децениите што доаѓаат.
„Нема опции без ризик со агресивна Русија како сосед. Нема опции без ризик во војна. И запомнете, најголемата цена и најголемиот ризик ќе бидат ако Русија победи во Украина. Не можеме да дозволиме тоа да се случи. Исходот од оваа војна ќе ја обликува глобалната безбедност во наредните децении“, рече Столтенберг.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика американските политички лидери во Вашингтон да не го чекаат исходот од претседателските избори во САД во ноември за да преземат решителна акција за да и помогнат на неговата земја против руската инвазија, објавија британските медиуми.
„Сите го чекаат ноември. Американците го чекаат ноември, во Европа, на Блискиот Исток, на Пацификот, целиот свет гледа кон ноември, а искрено рускиот претседател Владимир Путин исто така го чека ноември, рече Зеленски, говорејќи во Институтот Роналд Реган пред самитот на НАТО.
Видете и ова: НАТО вети 40 милијарди евра воена помош за Украина до 2025 годинаЗеленски рече дека не може да предвиди што ќе направи Доналд Трамп доколку биде избран за втор мандат за претседател на САД во ноември, додавајќи дека не го познава добро Трамп, но се надева оти поддршката на САД за Киев нема да се промени.
„Не го познавам многу добро. Не знам. Имав состаноци со него и добри средби кога беше претседател, но не ја поминавме војната со него“, рече Зеленски.
Зеленски подоцна им се заблагодари на сојузниците на НАТО, кои ветија поголема воздушна одбрана за да и помогнат на Украина да се одбрани од руски беспилотни летала и ракетни напади, забележа ДПА.
Лидерите на земјите на НАТО на 9 јули го отворија клучниот самит за да разговараат за начините за зајакнување на одбранбените капацитети на алијансата и поддршка на Украина во позадина на американската политичка неизвесност и интензивното руско бомбардирање на Украина, чиј лидер исто така присуствуваше на собирот за да ги притисне воените потреби на Киев.
Поддршката и помошта за Украина најверојатно ќе добијат уште поголем замав на самитот по еден од најлошите руски воздушни напади врз земјата откако Кремљ ја започна целосната инвазија во февруари 2022 година. Баражот проектили истрелани низ Украина на 8 јули погодија неколку цивилни објекти, вклучително и детската болница Охматдит во Киев, убивајќи најмалку 43 лица и повредувајќи повеќе од 160.