Автобусот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) што на 8 јули удри во жардињера во близина на ТЦ Мавровка бил технички неисправен, обвинија од Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), на прес-конференција пред Управната зграда на ЈСП. Возачот на автобусот исто така рече дека забележал оти автобусот не е исправен.
За Драги Кушовски, директор на ЈСП, овие изјави се „паушални“ и смета дека треба да се почека официјалниот полициски извештај.
Марјан Ристески, претседател на КСОМ, рече дека Синдикатот имал сознанија од вработени кои го управувале автобусот, дека во неколку наврати било алармирано дека автобусот е технички неисправен, но сепак, со потпис и печат бил пуштан да сообраќа како технички исправен.
„Мораме јавно да проговориме за она што се случи вчера, бидејќи е загрозена безбедноста на граѓаните кои го користат превозот на ЈСП. Имаме сознанија дека истиот овој автобус којшто вчера удри во жардињера на булеварот во близина на Мавровка, пред извесен период го користеле на линија до Водно. Замислете доколку такво нешто се случело тогаш, затоа што се работи за технички проблем на автобусот, додека шоферот максимално направил што можел“, рече Ристески.
Возачот на автобусот кажа дека забележал оти автобусот дека не е исправен.
„Јас ќе пријавам дефект и утредента истиот автобус го земаме со потпис и печат дека е сервисирано и исправно е за линија. Со години сообраќам на линијата 2-ка, од Сарај до Автокоманда и обратно, ги знам најситните дупки. Таа линија ја возам и мене не може нешто нешто да ми се случи. Мене ми побеле коса од волан и сега јас целиот се ежам додека зборувам. Жал ми е за патниците, пред се, кои добија стрес и за мене исто така“, рече возачот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Кушовски побара да се остави службите да ја утврдат причината за инцидентот.
„Возилото има технички преглед и е редовно сервисирано“, рече Кушовски.
Во вчерашната сообраќајна несреќа беа повредени три жени, од кои едната се пожалила на болки во колкот, а другите две се здобиле со полесни повреди. Сите три со возило на Брза помош беа пренесени во Клиниката „Свети Наум Охридски“.
Скопје во февруари кратко време остана и без градски превоз, поради проблеми со неисплатени плати за вработените во ЈСП. Вработените во ЈСП реагираа и во јануари, стапија во штрајк и на неколку часа го прекинаа возењето, но на итна седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлука за субвенции за јавното претпријатие.