Поранешен член на платеничката група Вагнер, наводно регрутиран од затвор, е осуден на седум години затвор за убиство на мајка на три деца, откако се вратил дома во далечниот источен регион Приморје од војната во Украина.
Службата за односи со јавноста на судовите во тој регион на 9 јули извести дека судот во Анучин ги зел во предвид „олеснителните околности“ кога одлучувал за, како што некои ја нарекоа, блага казна за обвинетиот.
Обвинетиот, чие име не се открива, е прогласен за виновен за убиство на 32-годишна жена, која ја оставил во автомобил и го запалил возилото кај селото Анучино во октомври 2023 година.
Локалните медиуми објавија дека човекот бил регрутиран од Вагнер во декември 2022 година од затвор каде одлежал 10 години и 10 месеци за убиство, кражба и грабеж.
Откако се бореше за Русија во Украина, тој се врати со три медали во родното Приморје во јули 2023 година.
Ова не е прв случај поранешните платеници на Вагнер, регрутирани од руските затвори, да бидат обвинети за тешки кривични дела по завршувањето на нивната служба во Украина. Од 4 октомври 2023 година, 27 лица биле убиени од поранешни воени лица кои се вратиле дома од бојното поле во Украина. Во 12 од регистрираните смртни случаи, со 19 жртви, биле вклучени поранешни платеници на Вагнер.
Судовите во Русија обично изрекуваат полесни казни за таквите луѓе, наведувајќи го нивниот „патриотизам“ и „придонес“ што го дале во руската војна против Украина.
Поранешниот водач и основач на Вагнер, Евгениј Пригожин, кон крајот на јуни 2023 година изјави дека 32.000 поранешни затвореници регрутирани од неговата група се вратиле дома откако им било одобрено помилување како компензација за борбите во Украина.