Европската Унија соопшти дека го запрела процесот на пристапување на Грузија во Унијата и замрзнала 30 милиони евра помош за нејзиното Министерство за одбрана, откако грузиските пратеници го одобрија контроверзниот закон кој се смета за мерка за сузбивање на несогласувањето.
Амбасадорот на Европската Унија во Грузија, Павел Херчински, им рече на новинарите во Тбилиси дека блокот размислува за дополнителни мерки доколку ситуацијата во земјата „и натаму се влоши“.
Херчински го опиша потегот како одговор на контроверзниот закон за „странски агенти“, и неодамнешните антидемократски чекори преземени од владата на поранешната советска република.
„Законот за странски агенти“ е јасно назадување за девет чекори, а антизападната, антиевропска реторика е целосно некомпатибилна со наведената цел за приклучување кон Европската Унија“, рече Херчински, додавајќи дека одлуката за запирање на процесот за пристапување на Грузија во ЕУ беше направен на 27 јуни.
Видете и ова: Грузискиот парламент гласаше за отфрлање на претседателското вето на законот за „странски агенти“Херчински рече дека се надева оти Тбилиси ќе преиспита некои од своите неодамнешни одлуки по формирањето на новата влада по парламентарните избори во октомври.
„Искрено се надевам дека на 26 октомври Грузијците ќе го направат вистинскиот избор и идната влада, кој и да победи на изборите, многу брзо ќе се врати и ќе продолжи напорната работа кон пристапот на Грузија во Европската Унија“, нагласи амбасадорот на ЕУ во Грузија.
Грузискиот претседател Саломе Зурабишвили го нарече потегот на ЕУ „одговор“ на „антиевропската и антизападната реторика и акции“ на владата и владејачката партија Грузиски сон.
Видете и ова: ЕУ разгледува визни ограничувања за законот за „странски агенти“ на Грузија„Иако ова е одговор на глупавата и непријателска политика на владејачката партија кон ЕУ, во исто време е предупредување за јавноста: нашите партнери ни велат дека „изборот е ваш“: или Грузија ќе добие безбедна европска иднина или ќе се пресели во изолирана руска орбита“, рече Зурабишвили.
На 28 мај, пратениците од владејачката партија Грузиски сон го поништија ветото на Зурабишвили, по што законот беше донесен.
Грузиските демонстранти го нарекоа „руски закон“ поради сличностите со законот во Русија што му помогна на Кремљ да ги затвора, казнува или маргинализира неистомислениците, а претставниците на ЕУ предупредија дека тој „негативно ќе влијае на патот на Грузија кон ЕУ“.