Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета дека Виктор Орбан не може да посредува меѓу Русија и Украина за да се стави крај на инвазијата на Москва додека унгарскиот премиер отпатува во Пекинг за да ја продолжи, како што ја нарекува, „мировната мисија 3.0“.
Состаноците на Орбан во Пекинг уследија по неговите посети на Киев и Москва откако Унгарија го презеде претседавање со Советот на ЕУ на 1 јули, за што претставниците на ЕУ и на САД се огласија со порака дека унгарскиот премиер на овие патувања не ја претставува Унијата.
Во писмото до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел од 5 јули, Орбан рече дека, врз основа на неговите разговори со рускиот претседател Владимир Путин, верува дека сега има „поголема шанса за позитивен прием на сите можни предлози за прекин на огнот и за патоказ до мировните преговори“.
Видете и ова: По Русија, Орбан во ненајавена посета на КинаМајк Карпентер, висок советник за Европа во Советот за национална безбедност на Белата куќа, пак, рече дека средбата на Орбан со Путин не била корисна.
„Не мислам дека [посетата на Орбан на Москва] ќе ја поддржи Украина и нејзините напори за изнаоѓање мир или суверенитет или територијален интегритет“, рече Карпентер на 8 јули на брифинг со новинарите одржан додека САД се подготвуваат за отворање на самитот на НАТО на 9 јули.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, минатата недела рече дека ротирачкото претседателство на ЕУ „нема мандат да се ангажира со Русија во име на ЕУ“ и го повтори ставот на Унијата дека Русија е агресор во војната во Украина.
Орбан во своето писмо тврди дека раководството на САД е „ограничено“ поради тековната кампања за претседателските избори. Затоа, тој смета дека ЕУ не може да очекува никакви предлози од Вашингтон во наредните месеци и дека Брисел треба да размисли за покренување европска иницијатива.
Говорејќи на прес-конференција во Полска, Зеленски рече дека само моќните земји со вооружени сили многу посилни од руските можат да успеат да организираат мировни преговори.
„Дали има многу такви земји низ светот? Не многу. Верувам дека САД и Кина се такви земји. И ЕУ, не една земја, туку целата ЕУ. Ова може да биде посредничка мисија“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Киев останува отворен за предлози од други земји за тоа како да се обликува патот кон мирот, но тие треба да се усогласат со украинската визија, особено со мировниот план од 10 точки.
Зеленски инсистираше на тоа дека територијалниот интегритет на Украина мора да биде основата на секој мировен договор.
Путин, пак, вели дека условите за завршување на војната вклучуваат откажување на Киев од желбата да се приклучи на НАТО и отстапување на Крим и четири други окупирани региони во Украина.
Во писмото до Мишел, Орбан наведува дека тој не дал никаков предлог „и не изразил никакво мислење во име на Европскиот совет или Европската унија“.
Тој рече дека во однос на мировната формула презентирана од Зеленски, Путин повторно посочил оти Русија сè уште го смета за релевантен документот предаден за време на мировните преговори во април 2022 година во Турција. Особено делот што ги специфицира меѓународните безбедносни гаранции што треба да и се дадат на Украина.
Во писмото на Орбан, исто така, се вели дека толкувањето на Путин за ситуацијата на фронтот „суштински се разликува“ од она на Зеленски.
Рускиот лидер верува дека „времето не е на страната“ на Украина, туку на страната на руските сили. Според Орбан, Путин не се осврнал на руските жртви, но проценките на Русија за загубите на Украина се движат меѓу 40.000 – 50.000 војници месечно.
Затоа, Путин беше изненаден што Зеленски отфрли привремен прекин на огнот, вели Орбан.
„Русија е подготвена да го разгледа секој предлог за прекин на огнот што не служи за скриено преместување и реорганизација на украинските сили“, пишува Орбан во писмото.
Украина не објавува податоци за своите жртви, но Зеленски на 25 февруари рече дека 31.000 украински војници загинале во војната до тој момент и ги отфрли како неточни многу повисоките проценки што ги дава Москва за украинските загуби.
Видете и ова: Песков: На смитот во Вашингтон, Орбан не носи порака од Путин за БајденВо писмото Орбан се осврнува и на кинеско-бразилскиот мировен предлог што се разгледува од руска страна. Кина, во мировниот план од шест точки, предлага да се одржи меѓународна мировна конференција „во соодветно време“ и повикува на еднакво учество и на Украина и на Русија.
Москва е „подготвена да размени мислења за тоа, под услов рамката на мировните преговори да биде соодветна“, рече тој.
На самитот во Швајцарија, пак, беше разгледан предлогот на Украина за мир, а Киев се надева дека ќе се одржи и втор самит подоцна оваа година. Кина не присуствуваше на првиот состанок во Швајцарија.
По средбата на Орбан со Кси во Пекинг, тој му напиша посебно писмо на Мишел во кое наведува дека разговорите „потврдиле оти кинеската мировна политика, која се заснова на принципите да нема проширување, без ескалација и никаква провокација, ќе остане на сила во догледно време во иднина“.