Еден ден откако претрпе пораз на парламентарните избори во Франција, екстремната десничарската партија Национален собир (РН) на Марин Ле Пен влегува во сојуз со партијата Фидез на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Европскиот парламент.
„Ќе формираме нова група со 84 парламентарци од 12 земји, создавајќи ја третата по големина група во Европскиот парламент. Ако сите се согласат, претседавачот ќе биде Французин“, изјави европратеникот Жан Пол Гаро од Националниот собир.
Портпаролот на Орбан, Золтан Ковач, на мрежата Икс објави дека „Патриотите за Европа продолжуваат да растат со приклучувањето на Националниот собир на Марин Ле Пен“.
Заедно со РН, новата група станува трета по големина сила во Европскиот парламент – зад конзервативната Европска народна партија (ЕПП) на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и зад пратеничката група на Социјалистите и демократите.
Видете и ова: Избори во Франција: Никој не предвиде ваков резултат, но сè уште не е готовоОбјавата за обединувањето на Орбан и Ле Пен во ЕП дојде еден ден откако Националниот собир заврши на третото место на парламентарните избори во Франција иако анкетите и гласањето во првиот круг сугерираа дека екстремната десна е на пат да биде најголемата партија на француската политичка сцена.
На изборите, на прво место изби левичарскиот сојуз Нов народен фронт, но сепак не освои доволно за апсолутно мнозинство во парламентот.
Националниот собир на Ле Пен со приклучувањето во Патриоти за Европа во ЕП, е најголемата партија во оваа пратеничка група со 30 европратеници. Оваа партија имаше и финансиски и идеолошки врски со Русија, држава кон која Орбан сè уште е пријателски настроен.
Екстремно десничарските партии поминаа добро во неколку земји на изборите за Европскиот парламент пред еден месец. Националниот собир на Ле Пен го победи центристичкиот табор на францускиот претседател Емануел Макрон со таква разлика што шефот на државата беше принуден да распише предвремени избори.
Но, во законодавниот дом на ЕУ, екстремната десница останува поделена.
Видете и ова: По Русија, Орбан во ненајавена посета на КинаДосега најголемата фракција беа европските конзервативци и реформисти, доминирана од партијата Браќа на Италија на премиерката Џорџија Мелони, која во последниот период го ублажи својот евроскептицизам.
Другата главна група на екстремната десница беше групата „Идентитет и демократија“, над која Националниот собир ја имаше контролата и која заземаше повеќе анти-ЕУ ставови.
Партијата на унгарскиот премиер, Фидес, која ја напушти ЕПП во 2021 година непосредно пред да биде исфрлена, бараше сојузници во Европскиот парламент за да може да ги промовира своите националистички и популистички политики.
На 30 јуни Орбан го објави формирањето на групата Патриоти за Европа. Австриската крајнодесничарска Партија на слободата и центристичката АНО на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш веднаш се потпишаа за приклучување кон неа.
Подоцна се приклучија уште пет други партии: холандскиот антиисламски лидер Герт Вилдерс од Партијата за слобода (ПВВ), португалската крајно десничарска партија Чега, шпанската Вокс, Данската народна партија и фламанската националистичка про-независна Влаамс Беланг.
Матео Салвини, кој ја предводи популистичката италијанска партија Лига, во понеделникот на Икс сигнализираше дека и тој се подготвува да се приклучи на групата, поздравувајќи го формирањето на Патриоти на Европа кое го оцени „одредница за промена на иднината на Европа“.