Атал понуди оставка, Макрон не ја прифати

Францускиот претседател Емануел Макрон

Претседателот на Франција, Емануел Макрон побара од премиерот Габриел Атал засега да остане на својата функција поради стабилноста на земјата, соопшти Елисејска палата.

Претходно, Атал пристигна во Елисејска палата за да поднесе оставка по вчерашните парламентарни избори на кои центристичкиот сојуз не успеа да го задржи мнозинството.

Атал најави дека доколку Макрон не ја прифати неговата оставка, ќе продолжи да ја извршува функцијата технички премиер, додека не се утврди неговиот наследник во договор со новото парламентарно мнозинство.

Видете и ова: Францускиот премиер Атал во понеделник ќе поднесе оставка

Тој е премиер на Франција од јануари годинава, по реконструкцијата на Владата и разрешувањето на Елизабет Борн од премиерската функција.

Според последните резултати на вонредните парламентарни избори во Франција, победник е левичарската алијанса Нов народен фронт и покрај тоа што очекувањата беа на првото место да заврши крајната десница на Ле Пен. Иако овие резултати се олеснување за многумина во Европа, ќе биде тешко да се формира функционална влада.