Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е „погоден“ на идеологијата на новите власти. И тоа е спремен да го направи. Но начинот кој МНР го бира за таа операција на отстранување на амбасадорот, со конструкција на валканици во финаското работење наспроти толку претходни и сегашни деманти е срамен, заслужува секаква осуда и покажува неприфатливо ниво на комуникација во јавноста.
Ова е дел од реакцијата на македонскиот амбасадор во Обединетите Нации, Љубомир Фрчкоски, откако Министерството за надворешни работи (МНР) ден претходно го повика на консултации во Министерството, без да даде повеќе детали за причините за оваа постапка.
Видете и ова: МНР го повика на консултации македонскиот амбасадор во ОН ФрчкоскиДел медиуми објавија дека Фрчкоски бил повикан поради злоупотреба на службената картичка за авионски билети и непочитување на насоки кои биле давани од поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
„Срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија. Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат - ненадејни настани кои го примораа привремено да искористи пари од мисијата за авио билет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства“, се вели во реакцијата на Постојана Мисија на Република Северна Македонија во ООН во Њујорк.
Оттаму најавуваат дека Амбасадорот моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата. Исто така мисијата го повикува МНР да испрати ревизија во мисијата која ќе ја утврди состојбата во целокупното работење на истата.
Иако МНР се уште на објавува за што станува збор, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на вчерашната прес-конференција, на новинарско прашање во врска со повикувањето на Фрчкоски на консултации во МНР, рече дека секој треба да биде повикан на одговорност за тоа како ја извршувал својата должност, без разлика за кој човек се работи или на која функција бил. Тој рече дека Фркоски „како амбасадор на Македонија уживал во удопствата кои му ги обезбедил Зоран Заев со именувањето, а во исто време нема отчет како се трошеле народните пари, односно парите биле трошени на непознат начин“.