По неговата ненадејна посета на Москва минатата недела, која наиде на гнев кај европските лидери, унгарскиот премиер Виктор Орбан направи уште едно ненајавено патување, овој пат во Кина, објавија кинеските државни медиуми во понеделникот наутро објавувајќи фотографија на која се гледа како е пречекан на аеродромот од кинескиот заменик-министер за надворешни работи Хуа Чунјинг.
Според кинеската државна новинска агенција Ксинхуа, Орбан треба да се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг. Неговото патување доаѓа по шпекулациите дека унгарскиот лидер би можел да ја посети и Кина по неговото контроверзно патување во Москва во петокот (5 јули), на кое разговараше со рускиот претседател Владимир Путин.
Овој потег предизвика вознемиреност во Европа и во САД. Орбан рече дека неговиот состанок со Путин, кој спроведува целосна инвазија и војна на Украина, бил „мировна мисија“.
„Кина е клучна сила во создавањето услови за мир во војната меѓу Русија и Украина“, напиша Орбан на платформата X, додавајќи дека тоа е причината поради која се сретнал со Кси само два месеци откако кинескиот лидер ја посети Будимпешта.
„Многу ја цениме вашата мировна иницијатива во врска со конфликтот во соседството на Унгарија. За Унгарците е многу важно Кина да повикува на мир во светот“, му рекол Орбан на Кси на нивната средба, пренесе унгарската државна новинска агенција МТИ.
За време на заедничкиот настап со Путин по разговорите, Орбан повторно повика на напори за изнаоѓање мирно решение за војната во Украина. Неколку официјални претставници на ЕУ подоцна нагласија дека унгарскиот лидер нема официјален мандат од ЕУ за преговори со Русија и дека нема никаква врска со тоа што Унгарија го презема шестмесечното ротирачко претседавање со Европската Унија.
Видете и ова: Европските лидери го криткуваа Орбан дека се ракува со „крвав диктатор“Орбан, кој е често „трн во око“ на Брисел за низа прашања, се смета за близок пријател на Москва. Унгарија го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јули.
Кинескиот претседател Кси ја посети Унгарија како дел од европската турнеја во мај. Пекинг и Будимпешта одржуваат добри односи, а Орбан беше единствениот лидер на ЕУ што присуствуваше на форумот „Појас и пат“, организиран од Кина минатиот октомври.
Унгарија е дел од Кинеската иницијатива „Појас и пат“, огромен инфраструктурен проект во кој Кина инвестираше милијарди во инфраструктурата и давање заеми на многу земји од глобалниот југ, во Централна Азија, но и во делови од Европа.