Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија (МНР) соопшти дека македонскиот амбасадор во Обединетите нации Љубомир Фрчкоски бил повикан на консултации во Министерството, но не даде детали за причиите поради кои е повикан.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека согласно Законот за надворешни работи македонскиот амбасадор во ОН, Љубомир Фрчкоски е повикан на консултации во Министерството“, наведуваат од МНР, јавува МИА.
Од Министерството информираат дека за сите дополнителни детали јавноста ќе биде навремено известена.
Иако МНР се уште на објавува за што станува збор, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на денешната прес-конференција одговораше на новинарско прашање во врска со повикувањето на Фрчкоски на консултации во МНР.
Тој рече дека секој треба да биде повикан на одговорност за тоа како ја извршувал својата должност, без разлика за кој човек се работи или на која функција бил.
„Од тоа што можевме во јавноста да го видиме, гледаме дека како амбасадор на Македонија уживал во удопствата кои му ги обезбедил Зоран Заев со именувањето, а во исто време нема отчет како се трошеле народните пари, односно парите биле трошени на непознат начин“, рече Лефков.
Дел медиуми објавија дека Фрчкоски бил повикан поради злоупотреба на службената картичка за авионски билети и непочитување на насоки кои биле давани од поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.