Низ Израел денеска започнаа протести со цел да се изврши притисок врз израелската влада да постигне договор за заложниците кои се земени во Газа.
Демонстрантите ги блокираа патиштата и протестираа пред домовите на владините министри, објави Ројтерс.
Демонстрациите започнаа во 6:29 часот (4:29 часот по средноевропско време), исто време со нападот на 7 октомври врз Израел од страна на Хамас, кој меѓу другите САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација.
Демонстрантите излегоа на улиците, блокирајќи го сообраќајот на главните раскрсници низ земјата. Тие накратко запалија гуми на главниот автопат Тел Авив-Ерусалим пред полицијата да го расчисти патот.
Мали групи со мегафони и транспаренти демонстрираа и пред домовите на голем број министри и коалициски претставници.
Видете и ова: Хамас се согласи на разговори за ослободување на израелските заложници"Тотален неуспех! Тотален неуспех!" извикуваше толпата пред домот на министерот за стратешки прашања Рон Дермер, член на потесниот круг на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во населбата Ор Ханер, во близина на границата со Газа, демонстрантите закачија црн балон за секој убиен во нападот и жолт балон за секој заложник што сè уште се држи во Газа.
Некои Израелци не се согласуваат со целите на демонстрантите и вршат притисок врз владата на премиерот Нетанјаху да го отфрли договорот и да ја продолжи борбата „додека не се исполнат сите цели на земјата“, пишува новинската агенција Ројтерс.
Напорите за обезбедување договор за заложниците меѓу Израел и Хамас во Газа по девет месеци војна добија замав во последниве денови, при што официјални лица изразија оптимизам, но рекоа дека разликите и понатаму постојат на кои двете страни инсистираат.
Здравствените власти на Хамас во Газа соопштија дека повеќе од 38.000 Палестинци се убиени во офанзивата започната како одговор на нападот на Хамас врз јужен Израел, во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа земени како заложници.