Топлотниот бран е закана за повеќе од 130 милиони луѓе во САД

Детали од плажата Аламеда во заливот Сан Франциско, Калифорнија, САД на 3 јули 2024 година.

Речиси 130 милиони луѓе ширум САД ќе се соочат со екстремно високи температури во текот на следната недела, по продолжувањето на долготрајниот топлотен бран кој веќе собори рекорди за опасно високи температури, пишува АП.

Според Националната метеоролошка служба, температурите би можеле да достигнат повеќе од 38 степени Целзиусови во делови од северозападниот дел на Тихиот Океан, средно-атлантскиот и североисточниот регион на САД, а во поголемиот дел од западот, температурите најверојатно ќе бидат од 8 до 16 степени Целзиусови над просекот за ова време од годината.

Десетици температурни рекорди низ САД би можеле да бидат срушени, што ќе поттикне милиони да побараат засолниште од топлината во центрите за ладење од Орегон, до Булхед Сити, Аризона, до Норфолк, Вирџинија.

Видете и ова: Жештините и невремињата не се исти како пред десет години

Источниот дел на САД, исто така, се подготвува за уште повисоки температури. Балтимор и другите делови на Мериленд беа под предупредување за горештини, а температурите се очекува да достигнат до 43 Целзиусови степени.

Во петокот беше поставен нов рекорд на топлина во долината на смртта во Калифорнија, едно од најжешките места на Земјата, при што температурата достигна 52,8 степени Целзиусови.

Во Недлс, град во близина на државната граница на Калифорнија со Аризона и Невада, е забележана температура од 50 степени Целзиусови, со што е соборен рекордот поставен во 2007 година кога биле регистрирани 49,4 степени Целзиусови. Во Палм Спрингс, Калифорнија, живата во термометарот покажа 51,1 степени.

Рекордна температура е забележана и во Феникс во американската сојузна држава Аризона, каде се измерени 47,7 степени Целзиусови и каде до среда се предвидуваат највисоки температури над 46 степени.

Округот Марикопа во Аризона, кој го опфаќа градот Феникс, имаше најмалку 13 потврдени смртни случаи поврзани со топлина оваа година, заедно со повеќе од 160 други сомнителни смртни случаи кои сè уште се под истрага, соопштија локалните власти.