Унгарија ја откажа средбата на министрите за надворешни работи на таа земја и на Германија закажана за 8 јули во Будимпешта, соопшти денеска унгарското Министерство за надворешни работи.
Од Министерството изјавија дека станува збор за техничка, а не политичка причина.
„Поради непредвидена промена на календарот на министерот Петер Сијарто, побаравме посетата да се одржи подоцна, се надеваме во блиска иднина“, се вели во соопштението на министерството на 6 јули.
Министерството за надворешни работи на Германија соопшти дека е изненадено од откажувањето и дека е неопходна дискусија за посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва.
На 5 јули, Орбан се сретна со рускиот претседател Владимир Путин како дел од, како што рече, мировната мисија за ставање крај на војната во Украина.
Видете и ова: Посетата на Орбан на Москва ги налути европските претставнициНеколку дена претходно тој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, додека неговата посета на Русија доаѓа пет дена откако Унгарија го презеде претседавањето со Европската унија (ЕУ).
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто беше со Орбан во Русија.
„Мировната мисија продолжува. Втора станица: Москва“, напиша Орбан на платформата Х.
На средбата со Орбан во Кремљ, Путин изјави дека верува оти унгарскиот лидер некако дејствува во име на ЕУ.
Тој исто така рече дека очекува Орбан да го претстави ставот на европските партнери за ситуацијата во Украина и дека е подготвен да разговара за нијансите на мировните предлози.
Посетата на Орбан на Русија наиде на критики од дипломатите на ЕУ.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи осеп Борељ изјави дека Орбан во Москва не го претставува Брисел и дека во прашање се билатералните односи меѓу Унгарија и Русија.