Лајчак останува посредник на ЕУ во дијалогот меѓу Косово и Србија

Мирослав Лајчак.

Советот на Европската унија му го продолжи мандатот на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косовo, Мирослав Лајчак, до јануари 2025 година.

Одлуката беше донесена на состанокот на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на 4 јули.

Продолжувањето на мандатот на Мирослав Лајчак доаѓа на барање на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Видете и ова: Без успех заврши средбата на преговарачите на Косово и Србија во Брисел

Неколку месеци претходно беше потврдено дека Лајчак ќе ја преземе функцијата амбасадор на ЕУ во Швајцарија од 1 септември, веднаш по завршувањето на неговиот мандат како специјален европски претставник за дијалог.

Со одлуката за продолжување на мандатот, ЕУ се обидува да обезбеди да нема вакуум на оваа позиција додека не се најде неговиот наследник.

За наследникот на Лајчек ќе одлучува наследникот на Борел, а за таа функција е предложена естонската премиерка Каја Калас.

За да се потврди нејзината позиција, потребна е согласност од Европскиот парламент, кој гласа за структурата на новата Европска комисија.