Пратеникот и поранешен кардиохирург Масуд Пезешкијан победи во вториот круг од претседателските избори во Иран.
Како што објави портпаролот на изборните органи Мохсен Еслами на државната телевизија на 6 јули, Пезешкијан освоил 53,7 отсто (16.384.403 гласови), додека Саид Џалили добил 44,3 отсто (13.538.179).
Излезноста во вториот круг беше 49,8 отсто, по рекордно ниските 40 отсто во првиот.
„Ќе ја подадеме раката на пријателство на сите. Треба да го искористиме целиот народ на Иран за напредокот на земјата“, рече Пезешкијан во своето прво обраќање по победата.
Видете и ова: Продолжено гласањето на претседателските избори во ИранПезешкијан беше член на иранскиот парламент од 2008 година и потпретседател меѓу 2016 и 2020 година, кога мнозинството го имаа умерените реформисти.
Изборите, на кои учествуваа околу 30 милиони Иранци, не беа набљудувани од ниту една меѓународно призната набљудувачка организација.
Умерениот реформист Пезешкијан водеше кампања за помалку конзервативен став за носење хиџаб, по масовните протести во Иран поради смртта на Махса Амини во 2022 година додека беше притворана на иранската полиција за морал.
Тој изјави дека сака подобри односи со Западот и да постигне нов нуклеарен договор со него.
Пезешкијан не оспорува дека иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи е на врвот на иранската влада.
Тој претходно со децении ги поддржуваше Хамнеи и воената единица на Корпусот на гардата на Исламската револуција.
Видете и ова: Иранците во дилема: Дали да гласаат на вториот круг од изборите?Поддржувачите на Пезешкијан за време на кампањата тврдеа дека победата на тврдокорниот Саид Џалили би значела воспоставување на влада слична на Талибанците во Авганистан.
Џалили, поранешен преговарач со Западот за иранската нуклеарна програма, се смета за тврдокорен политичар кој, меѓу другото, се залага за задолжително носење хиџаб.
Изборите во Иран се одржаа една година порано поради смртта на претседателот Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа во мај.
Вториот круг од изборите се одржа бидејќи повеќе од 60 отсто од гласачите не излегоа на гласање на 28 јуни.
Во првиот круг од изборите Пезешкијан освои 44 отсто од гласовите, додека Џалили 40 отсто.
Иранското Министерство за внатрешни работи беше задолжено за надзор на изборниот процес.