Србија не се усогласи со последниот пакет санкции на Европската Унија против Русија како одговор на агресијата врз Украина.
Тоа е четиринаесеттиот пакет санкции, усвоен на 24 јуни, што Европската Унија го воведе од почетокот на војната во Украина.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, го објави списокот на таканаречените трети земји кои ја испочитувале најновата одлука на Брисел, во која се вклучени сите останати земји од Западен Балкан.
На оваа одлука на Советот на ЕУ се приклучуваат и Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Украина и Босна и Херцеговина, како и Исланд и Лихтенштајн, членки на Европската економска зона, објави Борел.
„Тие ќе се погрижат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа одлука на Советот. Европската Унија ја забележува оваа посветеност и ја поздравува“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Советот на ЕУ го усвои 14-тиот пакет санкции против РусијаСрбија не ги почитуваше ниту рестриктивните мерки како одговор на нелегалната анексија на Крим и Севастопол, кои беа усвоени на ниво на ЕУ на 17 јуни. Не ги почитуваше ниту санкциите против Северна Кореја.
Се работи за одлуката на Европската Унија од 31 мај со која се додаваат уште шест имиња на списокот со санкции на лица или субјекти кои се сметаат за одговорни за програмите на Северна Кореја поврзани со нуклеарно оружје, балистички проектили или друго оружје за масовно уништување, или лица или субјекти кои дејствуваат во нивно име или по нивен налог или субјекти во нивна сопственост или контролира.
Видете и ова: ЕУ со нови санкции го таргетира рускиот гасен секторОд почетокот на војната во Украина, Србија не воведе никакви санкции против Русија. Заедно со Црна Гора, Србија важи за лидер во евроинтеграцискиот процес. Сепак, пристапните преговори се замрзнати поради одбивањето на официјален Белград да ги почитува рестриктивните мерки на Брисел против Москва.
Европската Унија очекува земјите кандидати да ги усогласат своите политики со политиките на ЕУ. Во моментот на пристапувањето, усогласувањето со надворешната политика треба да биде завршено.