Либанската група Хезболах во четврток (4 јули) соопшти дека лансирала повеќе од 200 ракети врз неколку воени бази во Израел како одмазда за нападот во кој загина еден од нејзините највисоки команданти.
Нападот на милитантната група поддржана од Иран е еден од најголемите во последните неколку месеци долж границата меѓу Либан и Израел, каде во последните недели тензиите се зголемија.
Израелската војска соопшти дека погодила цели во јужен Либан додека Хезболах лансирала ракети и беспилотни летала кон Израел.
Израелските сили „напаѓаат пунктови за лансирање на југот на Либан“, се наведува во соопштението на армијата, во кое се додава дека „бројни проектили и сомнителни воздушни цели преминале од Либан на територијата на Израел“.
Израелската армија соопшти дека повеќето од проектилите биле пресретнати и дека „избувнале пожари во многу области на северот на Израел“.
Израелската војска во средата соопшти дека еден ден претходно го убила Мохамед Нааме Насер, кој бил шеф на една од трите регионални дивизии на Хезболах во јужен Либан.
Видете и ова: Во израелски напад убиен висок командант на Хезболах во ЛибанНеколку часа подоцна, Хезболах лансираше голем број ракети со тешки боеви глави во северен Израел и окупираната сириска Голанска Висорамнина. Во четвртокот лансираше повеќе ракети.
Соединетите Држави и Франција продолжуваат да работат за да спречат конфликтот да ескалира во сеопфатна војна, за која стравуваат дека може да се прелее во арапскиот свет.
Конфликтот на релативно ниско ниво избувна веднаш по избувнувањето на војната во Газа. Хезболах вели дека врши напади врз Израел во знак на солидарност со Хамас, кој САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација и чиј напад врз јужен Израел на 7 октомври предизвика нова војна во Појасот Газа.
Во борбите се раселени десетици илјади луѓе од двете страни на границата. На северот на Израел загинале 16 војници и 11 цивили. Во Либан загинале повеќе од 450 луѓе, главно борци, но и десетици цивили.