Одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, покажува конечниот ревизорски извештај на „Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта“ што денеска (4 јули) го објави Државниот завод за ревизија, по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје, за 2022 година.
Во извештајот се наведува дека ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години континуирано работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува во рамки на месечните лимити, што има клучно влијание на квалитетот и континуитетот на извршување на дејноста
„ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известување за спроведената ревизија, јавната дејност која е од суштинско значење за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, ја врши со сметка која е блокирана поради извршни решенија за наплата на неподмирени обврски. Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари“, соопштија од ДЗР.
Видете и ова: Автопатите на „Бехтел и Енка“ заглавуваат и во судовиВо извештајот е констатирано дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите.
Обврските кон добавувачи во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари. Исто така тренд на зголемување бележат и обврските по извршни решенија кои во 2018 година изнесуваат околу 324 милиони денари, додека во 2022 година нивниот износ е над 467 милиони денари.
Видете и ова: Километар пруга до Бугарија може да чини 24 милиони евраВо извештајот, меѓудругото е констатирано дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурало градежните објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32,4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.
Со извршениот увид во документацијата и теренската посета на подружниците, секциите и зимските пунктови утврдено е дека во ЈП не е издвоена расходуваната опрема, од која 90 проценти се возила и градежни машини користени за резервни делови без согласност од Владата. Опремата е уништена како отпад без да се спроведе соодветна законска постапка, а нејзината употреба не е уредена со интерен акт, што создава ризик од неконтролирана и несоодветна употреба, се додава во ревизорскиот извештај.
Со ревизијата, ДЗР утврдила и дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат на влошување на финансиската состојба на јавното претпријатие.