Руското МНР прогласи романскиот дипломат за персона нон грата

Илустрација

Руското Министерство за надворешни работи прогласи за персона нон грата вработен во романската амбасада во Москва. Ова е објавено на веб-страницата на руското МНР.

Во кусото соопштение е посочено дека руското министерство за надворешни работи го повикал на разговор романскиот амбасадор Кристијан Истрате кому му била врачена нота. Романскиот дипломат, чие име не се соопштува, ќе биде протеран од Русија.

Руското Министерство објасни дека ваквите постапки се одговор на романските власти кои прогласија за персона нон грата вработен во руската амбасада во Букурешт. Руското МНР смета дека тоа е „немотивирана одлука“.

Видете и ова: Вработен во бугарското МВР уапсен под сомнение дека е руски шпион

Романското Министерство за надворешни работи на крајот на мај прогласи за персона нон грата дипломат од руската амбасада во Букурешт. Тој беше осомничен за „активности што се во спротивност со нормите на Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Претходно, полицијата во Романија соопшти дека бил уапсен локален жител кој е осомничен за шпионирање за Русија. Според истражителите, тој од почетокот на 2022 година, ги надгледувал воените објекти на Романија и на НАТО лоцирани на границата со Украина. Според соопштението уапсениот, наводно, ги пренел информациите што ги собирал на руските дипломати.

Во април 2024 година, Врховниот совет за национална одбрана на Романија објави дека руски шпиони влегле во земјата под маската на украинските бегалци. Тие, наводно, се вклучиле во дезинформации, обидувајќи се да добијат информации за помош за Украина, воени вежби и војници стационирани во земјата.