Нападите со беспилотни летала насочени кон нуклеарна централа Запорожје контролирана од руските сили во Украина мора да престанат, изјави на 3 јули шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, откако руското раководство на централата извести за напади во близина на објектот и за повредени осум вработени во нуклеарната централа.
„Нуклеарната централа во Запорожје ја информираше Меѓународната агенција за атомска енергија за неколку напади со беспилотни летала, повредени работници во електричната трафостаница Енерходар и подметнување пожари во шума во близина на разводната постројка на централата “, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на социјалната платформа X порано позната како Твитер.
Видете и ова: Русија го гранатираше украинскиот регион ЗапорожјеВо соопштението не е прецизирано чии беспилотни летала го извршиле нападот.
Шефот на руската нуклеарна управа, Алексеј Лихачев, изјави дека бил извршен украински напад врз трафостаница во близина на нуклеарната централа во Запорожје и овој напад, како што вели, е „наметливо кршење“ на прописите на МААЕ за нуклеарна безбедност.
Од украинската страна засега нема коментар.
Претходно денеска Гроси изјави дека ситуацијата во украинската нуклеарна централа Запорожје „останува несигурна“ и би било небезбедно да се рестартира објектот.
Нуклеарната централа е под контрола на руските сили откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.