Шест факултети и 15 луѓе обвинети за продажба на дипломи во БиХ

Илустрација

Обвинителството на Босна и Херцеговина на 3 јули поднесе обвинение против 15 луѓе меѓу кои ректори, декани и професори на универзитети и шест приватни високообразовни институции.

Тие се обвинети дека тргувале со најмалку 49 дипломи за високо образование, најмногу од стопанска, правна, техничко-инженерска и здравствена струка, како и од менаџмент.

Обвинителството на БиХ наведува дека заедно со Полициската агенција за истраги и заштита (СИПА) собрале докази дека лицата кои незаконски купиле дипломи, не студирале, односно во мала мера, а некои и воопшто не учествувале во процесот на образование на високообразовните институции.

„За набавка на незаконски дипломи најчесто плаќале суми од неколку илјади евра“, соопшти Обвинителството на БиХ.

Видете и ова: Синот на Мерко, Генц кој е на американската црна листа доби лиценца за нов медицински Факултет


Од Обвинителството наведуваат дека ќе бараат поништување на тие дипломи и на обвинетите да им биде изречена забрана за работа во високообразовните институции во Босна и Херцеговина.

„Извршувањето на кривични дела нанесе голема штета на системот на високото образование во БиХ, како и загрозување на сите граѓани со работата и активностите на лица со незаконски стекнати универзитетски дипломи“, соопшти Обвинителството на БиХ.

Сите обвинети се товарат за кривичните дела „здружување заради извршување кривични дела, злоупотреба на службената положба или овластување, недозволена трговија, фалсификување исправа и други сродни дела“.

Истрагата во оваа операција, која беше наречена „Кластер“, траеше две години.