Иранскиот Врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, се пожали во јавноста за рекордно нискиот одѕив во првиот круг од претседателските избори во Иран минатата недела. Тој во неговото јавно обраќање на 3 јули истакна дека таквата слика не е одраз на популарноста на Исламската република.
Хамнеи рече дека вториот круг од изборите на 5 јули меѓу реформскиот кандидат Масуд Пезешкијан и тврдокорниот кандидат Саид Џалили е „многу важен“ и ја охрабри јавноста да учествува во изборите.
„Оние кои го сакаат исламот и исламската република и напредокот на земјата мора да го покажат тоа со учество на изборите“, рече 85-годишниот Врховен лидер, кој го има последниот збор за сите државни прашања.
Хамнеи рече дека излезноста од 40 проценти во првиот круг од гласањето на 28 јуни е „не како што се очекуваше“, но додаде дека е „целосно погрешно да се мисли дека оние што не гласале во првиот круг се против системот“.
Меѓутоа, во говорот во 2001 година, Хамнеи го исмеа учеството на гласачите од 40 проценти во западните земји, велејќи дека тоа е „срамно“ и знак дека „луѓето не веруваат, не се грижат и не се надеваат на политичкиот систем“.
Пезешкијан доби околу 42,5 отсто од гласачките ливчиња во првиот круг од гласањето, додека неговиот ривал Џалили заврши на второто место со 38,6 отсто.
Конзервативните гласови беа поделени меѓу Џалили и парламентарниот спикер Мохамад Бакер Калибаф, кој беше трет со околу 13,8 отсто од гласовите. Мостафа Пурмохамади, поранешен министер за правда, заврши на последното место со нешто помалку од 1 процент.