Најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е дикретно мешање во независноста на судската власт, изјави на 3 јуни евроамбасадорот Дејвид Гир на Конференција за напредокот во спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет.
Тој посочи дека доколку тоа се случи ќе предизвика сериозна загриженост кај Европската унија. Гир истакна напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин, на кој, како што вели, би ги нарушил принципите на поделба на властите.
„На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството“, рече Гир.
Евроамбасадорот во своето обраќање истакна дека потребно е да се продолжи со брзи внатрешни реформи, како и да се потиснат обидите за мешање од страна на политичките структури. Тој бара целосно спроведување во пракса на препораките на Оценската мисија.
„Ова значи надградба на некои од позитивните колективни чекори на кои бевме сведоци во последните шест месеци и значи потиснување на обидите за мешање од политички или деловни интереси“, изјави Гир.
Видете и ова: Агелер: Судски совет треба да ги казнува оние кои мислат дека се над законот
На Конференцијата, која е во организирана од Судскиот совет, се обрати и американската амбасадорка Анџела Агелер, која истакна дека Извештајот од Оценската мисија на ЕУ е вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството.
„Судскиот совет е едно важно оружје во арсеналот оружје што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството на Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот“, изјави Агелер.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во изјава за медиумите рече дека Советот веќе има отпочнато со реформскиот процес во насока на имплементација на препораките од Оценската мисија на ЕУ и е решен да успее во процесите кои што се во негова надлежност.
Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.
Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти - структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.